Реал го пушта Јовиќ на позајмица?

Новиог голгетер на Реал Мадрид, Лука Јовиќ, не очекуваше ваков почеток на кариерата во редовите на шпанскиот гигант. Српскиот репрезентативец летово пристигна на „Сантијаго Бернабеу“ за сума од 65 милиони евра од Ајнтрахт Франкфурт, но не успеа доволно да се наметне кај Зидан и да ги покаже своите квалитети.

Воопшто не му помогна ситната повреда која го тргна од терените околу десетина дена, додека на пријателските средби на кои добиваше шанса не одигра како што посакуваше, па Зидан е подготвен да направи изненадувачки потег.

Реал наводно се обидува да договори позајмица за Јовиќ, во клуб каде што би добивал редовна минутажа, нешто што Зидан не може да му гарантира бидејќи Карим Бензема и натаму е во прв план за нападот. Уште поголеми проблеми создава операцијата „Нејмар“, а доколку Кралевите успеат да го ангажираат Бразилецот, Јовиќ ќе има уште помали шанси за првите 11.

До крајот на летниот преоден рок остануваат уште петнаесетина дена, во кои ќе се види дали Јовиќ заслужува место меѓу останатите „галактикоси“. Со оглед на тоа дека Реал стартува со обврските во шпанското првенство, доколку Србинот добие шанса и ја оправда, можеби ќе го смени мислењето на францускиот стратег.

 

- Оглас -

Најнови вести