Стотици навивачи на Курасао во саботата ја прославија убедливата победа од 4:0 над соседна Аруба во последниот пријателски натпревар пред заминувањето на Светското првенство.
Малата карипска држава ќе настапи на својот прв Мундијал во историјата, а атмосферата пред турнирот е вистински празник низ целата земја.
На социјалните мрежи се прошири видео од пристигнувањето на репрезентативците на стадионот во главниот град Вилемстад. Фудбалерите пристигнаа со шарен автобус без прозорци, придружени со музика и песна, додека во ритам удираа по каросеријата на возилото.
Old-school bus. No windows. Music playing. Curaçao‘s team bus arrival is unmatched. pic.twitter.com/mj1OuLKD0m
— Sports Illustrated FC (@SI_FootballClub) June 7, 2026
Прославата продолжи на преполниот стадион „Ергилио Хато“, каде речиси 15.000 гледачи ја бодреа својата репрезентација. Тоа значи дека речиси секој шеснаесетти жител на Курасао бил присутен на трибините.
Со површина од само 444 квадратни километри и население од околу 160.000 жители, Курасао стана најмалата држава во историјата што изборила пласман на Светско првенство.
На Мундијалот ги очекува исклучително тешка задача. Курасао ќе настапува во групата Е заедно со Германија, Брегот на Слоновата Коска и Еквадор.
Историскиот успех предизвика огромно воодушевување низ целата земја, а победата над Аруба помогна да се избрише горчливиот вкус од поразот од 4:1 против Шкотска минатата недела.
Репрезентацијата ја предводи искусниот холандски стратег Дик Адвокат. Тој во февруари привремено се повлече од функцијата за да се грижи за својата болна ќерка, но во мај повторно се врати на селекторската позиција.
Курасао ќе го има своето историско деби на Светските првенства на 14 јуни, кога во првото коло од групата Е ќе се соочи со Германија.


