Британската влада тајно подготвува планови за грандиозна прослава доколку англиската репрезентација го освои Светското првенство ова лето, објавува „Сан“.
Според информациите, државните службеници веќе работат на организација на победничка парада во Лондон, чија вредност се проценува на околу 500.000 фунти (околу 579.000 евра).
Планирано е настанот да се одржи во неделата по финалето на 19 јули, а британското Министерство за дигитализација, култура, медиуми и спорт веќе ги разгледува можните датуми и детали за организацијата.
Станува збор за една од најголемите прослави во британската спортска историја, а се очекува да привлече милиони навивачи доколку избраниците на Томас Тухел успеат да ја освојат првата светска титула по далечната 1966 година.
Високи владини претставници веќе оствариле неформални разговори со Англиската фудбалска асоцијација околу логистиката на настанот. Во плановите се вклучени отворен автобус за шампионската поворка, голема сцена во центарот на Лондон и богата забавна програма.
Дополнително, се разгледуваат и можностите колку брзо фудбалерите, предводени од Хари Кејн и Џуд Белингем, би можеле да се вратат од САД по евентуалниот триумф. Се очекува репрезентацијата да пристигне во Англија ден или два по финалето.
Извор близок до организацијата изјавил дека владата и Фудбалската асоцијација би биле изложени на сериозни критики доколку Англија стане светски шампион, а тие немаат подготвен план за прослава.
Последен пат голема национална парада беше организирана за женската репрезентација на Англија, која во 2025 година ја одбрани европската титула. Тогаш на улиците на Лондон се собраа околу 65.000 луѓе.
Од Министерството засега порачуваат дека е прерано да се зборува за евентуални прослави, но нагласуваат дека секој голем успех на англискиот спорт ќе биде одбележан на соодветен начин.
Англија го отвора Светското првенство на 17 јуни со натпревар против Хрватска.

