Реал им се врати на старите навики, Марсело е гаранција за примање голови

Потценување на противникот, „лабав“ влез во натпреварите на домашен терен, големи киксеви на одбраната и примање голови кога игра Марсело се работи кои навивачите на Реал Мадрид често ги гледаа во изминатите две сезони, а овие слабости се појавија и синоќа против Селта, кога Реал испушти два драгоцени бода во трката за титулата.

Реал игра подобро (посконцентрирано) на гости, отколку дома. Тоа лани скапо ги чинеше и во Лигата на шампионите, а и сега е исто. Тимот има четири ремија на свој терен во Ла Лига сезонава, тоа се осум испуштени бодови. На Реал ништо не му значи што до крајот на сезонава со сите посилни тимови ќе игра на домашен терен. Две кола по ред тимот рано прима гол, премногу се опуштени.

Потоа со напад се обидуваат да направат пресврт, но не оди секогаш како што сакаат, а и голови најчесто даваат играчите од одбраната и средниот ред. Откако ја постигнаа целта и поведоа, пак се опуштија и беа казнети.

Кога во тимот е Марсело, речиси и не се памети меч Реал да не примил гол. Во купот против Реал Сосиедад примија четири, синоќа со Селта два.

Мадриѓаните имаат примено 16 голови што е малку за нивни стандарди, но ако се гордееја со дефанзивата до пред една недела, сега веќе се појавуваат старите слабости. На последните три официјални мечеви, Кралскиот клуб прими 7 гола, колку што прими претходно на 15, кога Марсело најчесто го немаше на терен. Синоќа Бразилецот не беше директен виновник, но самото негово присуство ги радува крилата на противниците.

Зидан по мечот рече дека е разочаран и го боли што не освииле три бода и можеби ќе треба да си ја намали претераната доверба кон некои фудбалери.

 

- Оглас -

Најнови вести