Реал има простор за луксуз, утре ќе игра без виртуозот Модриќ против Осасуна

Реал Мадрид е многу блиску до јубилејната 35-та шампионска круна во Шпанија и речиси сигурно веќе е нов првак со нов рекорд, а има и простор за луксуз – да одмори дел од играчите утре против Осасуна.

Карло Анчелоти објави дека во Памплона од 21.30 часот утревечер нема да играат Лука Модриќ поради замор и Каземиро, кој е повреден. Ќе недостасуваат и резервите Лука Јовиќ и Маријано Дијас.

„Модриќ чувствува замор и утре нема да игра против Осасуна. Потребен ни е за дуелот со Манчестер сити во полуфиналето во Лигата на шампионите и мора малку да одмори. Нема да игра и Каземиро, кој има полесна повреда, па и него ќе го поштедиме. Ги очекувам и двајцата во стартниот состав во Манчестер идниот вторник“, објави менаџерот на Реал Мадрид.

Кралскиот клуб има 75 бода и шест меча до крајот на Ла Лига, а со победи против Осасуна утре и во следното коло со Еспањол во Мадрид на 30 април и официјално по 35-ти пат ќе биде шампион на Шпанија.

Во меѓувреме, на 26 април на „Етихад“ во Манчестер ќе го почне полуфиналниот двомеч со Сити во трката за пехарот во Лигата на шампионите.

Реваншот закажан за 4 мај, Реал може да го чека како шампион на Шпанија ако ги победи и Осасуна и Еспањол или ако Барселона и Севилја кои имаат по 60 бода кикснат на некој од следните два меча.

 

- Оглас -

Најнови вести