Реал Мадрид го сака играчот кој пред еден месец блескаше во Скопје

Шпанскиот кошаркарски гигант Реал Мадрид сезонава има многу проблеми на плејмејкерската позиција, па токму затоа Кралскиот клуб е фокусиран да го доведе Факундо Кампацо. Аргентинецот моментално е играч на Црвена ѕвезда, но тој нема право за настап во Евролигата, па мајсториите на Кампацо може да се видат само на дуелите од регионалната АБА-лига.

Токму пред еден месец, Црвена ѕвезда со Кампацо гостуваше кај МЗТ Скопје Аеродром во „Јане Сандански“, а Аргентинецот беше вистински лидер на гостите. Кампацо беше незадржлив за кошаркарите на МЗТ и на крајот заврши со 23 поени, девет асистенции и седум скока.

Пред да потпише за Црвена ѕвезда, Кампацо играше во НБА-лигата за тимот на Далас, сега се очекува Реал Мадрид да биде негов следен клуб. Кралскиот клуб има проблем на плејмејкерската позиција затоа што Карлос Алосен е повреден, а искусните Серхио Родригес и Најџел Вилијамс Гос не играат во посакуваната форма.

„Аргентинецот кој уште нема дебитирано во Евролигата, уште е во фокусот на Реал Мадрид, иако минатогодишните преговори не завршија позитивно. Се очекува наскоро преговорите да се обноват“, стои во дел од шпанските медиуми.

Искусниот Кампацо беше дел од Реал Мадрид во периодот од 2014 до 2020 година, а потоа замина во НБА-лигата.

- Оглас -

Најнови вести