Реал Мадрид му набива комплекси на Ливерпул – со кралски пресврт и пет гола го замолкна „Енфилд“, Наполи сигурен во Франкфурт

Актуелниот европски шампион Реал Мадрид оствари нова победа над Ливерпул, овој пат во осминафиналето од Лигата на шампионите, и тоа со 2:5 и со едната нога е веќе меѓу осумте најдобри.

Со спектакуларниот триумф на „Енфилд“, на кој навивачите видоа дури седум гола, Кралевите уште еднаш потврдија дека се вистинска ноќна мора за Ливерпул.

Реал во минатогодишното финале во ЛШ го совлада токму Ливерпул, и тоа со 1:0, а двата тима исто така играа во финалето на елитното клупско натпреварување и во 2018 година и повторно Кралевите славеа (3:1).

Вечерва фудбалерите на Ливерпул, желни за одмазда, фуриозно го започнаа натпреварот и само по 14 минути имаа предност од 2:0. Дарвин Нуњез во четвртата минута го отвори резултатот со одличен удар со петица, а десет минути подоцна, Салах со несмасната интервенција на Тибо Куртоа зголеми на 2:0.

Одговорот на Кралевите беше брутален, дадоа пет гола по ред и остварија убедлив триумф, кој со едната нога ги носи во четврфиналето. До крајот на првиот дел, Винисиус жуниор постигна два гола и го израмни резултатот, а во вториот дел Кралевите постигнаа уште три.

Прво, Едер Милитао во 47-мата минута постигна гол за 2:3, а потоа на сцена стапи Карим Бензема со два гола за конечни 2:5.

Сигурен настап на гости имаше и Наполи, кој со 0:2 славеше кај Ајнтрахт. Виктор Осимен во 40-тата минута го отвори резултатот откако четири минути претходно, Хвича Кварацхелија промаши пенал.

Победата за Наполи ја завери Џовани ди Лоренцо со голот во 65-тата минута.
Реваншите ќе се играат следниот месец.

- Оглас -

Најнови вести