Реал Мадрид одлучи: Без публика до крајот на сезоната

Раководството на Реал Мадрид донесе одлука да игра без навивачи до крајот на сезоната, без разлика дали во одредена фаза, како што се најавува во Ла Лига, ќе може да има публика на трибините.

Кралскиот клуб веќе донесе одлука од претходно да се пресели на стадионот „Алфредо ди Стефано“, кој е со капацитет од 6 илјади места и е терен каде што досега настапуваше вториот тим.

„Сантијаго Бернабеу“, храмот на фудбалот и дом на Реал, се реконструира и мадриѓани одлучија да го искористат периодот во кој не се играше фудбал поради корона-вирусот за да започнат градежните работи.

Иако се најавуваше дека последните 11 кола во Шпанија ќе се играат без присуство на навивачи на трибините, сега постои реална опција од јули да има публика, но во Реал одлучија да ја доиграат сезоната пред празни трибини.

Рестартот на Ла Лига е закажан за утре со дербито меѓу Севилја и Бетис. Три дена подоцна, првиот меч по долга пауза од три месеци ќе го има и Реал, токму на „Алфредо ди Стефано“ против Еибар.

Клубот од Мадрид е на втората позиција на табелата со 56 бода, два помалку од лидерот и вечен ривал Барселона.

 

 

- Оглас -

Најнови вести