Реал Мадрид почна со тренинзи, се појавија и две „нови“ лица

Екипата на Реал Мадрид денеска го одржа својот прв тренинг. Фудбалерите беа поделени во две групи, во едната беа деветмина, а во другата 11-мина играчи. Се тренираше и со топка, но индивидуално, без контакт. Паузата во Реал траеше точно 60 дена.

Тимот на тренерот Зинедин Зидан тренираше на тренинг-центарот „Валдебебас“, каде што Реал ќе ги игра своите мечеви како домаќин до крајот на сезоната. Стадионот „Алфредо ди Стефано“ има 6.000 седишта, па трошоците за меч се помалку отколку на „Сантијаго Бернабеу“, кој се реновира. Но, интересно е што Реал ќе игра без публика на овој мал стадион дури и во четвртфиналето на ЛШ, доколку успее да го мине осминафиналето против Манчестер сити.

Ако забраната за присуство на публика потрае, Реал можеби ќе игра на „Алфредо ди Стефано“ и до јануари 2021 година.

По лошите вести околу Лука Јовиќ, конечно во Реал добија и позитивни сигнали. На тренингот се појавија и Еден Азар и Марко Асенсио, кои имаа долги паузи. Асенсио ги скина лигаментите летоска и сезонава нема играно официјален меч. Азар три месеци беше во аут поради скршена коска во стапалото. Со нив двајца, крилните позиции во Реал добиваат многу.

Шпанската лига треба да продолжи на 12-ти јуни и ако нема поголеми проблеми, Азар и Асенсио би можеле да бидат подготвени за продолжувањето на сезоната и ќе му помогнат на тимот во август против Сити во ЛШ.

- Оглас -

Најнови вести