Реал Мадрид донел одлука да не му понуди продолжување на договорот на Лука Модриќ, пренесува познатиот новинар и инсајдер на Реал, Мигел Анхел Дијас. Тој околу полноќ објави дека оваа одлука ја донел клубот, а не новиот тренер Чаби Алонсо. Ако не се случи пресврт, Модриќ во сабота против Реал Сосиедад ќе го одигра својот последен натпревар на „Сантијаго Бернабеу“ како фудбалер на Реал.
Според Дијас, Реал нема да објави ништо за заминувањето на Модриќ оваа недела, туку во петок само ќе го потврди заминувањето на Карло Анчелоти. Не се знае дали Модриќ ќе се обрати пред мечот, но се планира церемонија на збогување со навивачите во сабота.
Тоа значи дека клубот го отпишал Модриќ 40 дена пред истекот на договорот, иако во последните сезони му нудеше едногодишни продолжувања, секогаш пред крајот на сезоната. Воедно, му ја намалуваше платата, од 12,1 милион евра во 2019/20, до 10,5 милиони во 2023/24. Летото 2023, Модриќ прифати драстично намалување на платата, останувајќи во клубот за половина од претходната сума.
Иако не се повреди во текот на целата сезона и одигра вкупно 55 натпревари, Модриќ само на 26 од нив беше стартер, додека на 29 влезе од клупа. Тоа јасно покажува дека неговата улога е значително намалена. Во трите клучни меча на крајот од сезоната – двете Ел Класико дербија, финалето на Купот и реваншот со Арсенал во ЛШ – беше само резерва, а Реал ги загуби сите и не успеа да ја одбрани титулата ниту во Ла Лига, ниту во ЛШ.
Реал по лошата сезона, почна голема реконструкција. Тренерот Карло Анчелоти заминува, а Чаби Алонсо доаѓа на негово место. Веќе се договорени засилувања: Трент Александер-Арнолд од Ливерпул, Дин Хујсен од Борнмут, а близу е и Алваро Карерас од Бенфика. Во рамките на оваа трансформација, според Дијас, заминува и Лука Модриќ.
Модриќ пристигна во Реал во 2012 од Тотенхем за 35 милиони евра и стана најтрофејниот играч во историјата на клубот со 28 пехари, вклучувајќи: 6 титули во Лигата на шампионите, 4 титули во Ла Лига, 2 трофеи во Копа дел Реј.
На својот биланс има 590 настапи, 43 гола и 95 асистенции. Модриќ сака да остане уште една сезона за да се подготви за Светското првенство следната година, но изгледа дека Реал има други планови.