Реал сигурно ќе биде без едниот, а можеби и без двајцата Французи на Ел Класико!

Повредите кои ги здобија Карим Бензема, Ферлан Менди и Родриго на гостувањето кај Мајорка во понеделникот го загрижија тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, бидејќи веќе в недела вечер се игра Ел Класико, во кое Кралскиот клуб е домаќин на Барселона.

Реал има убедлива предност од 10 бода во шпанската лига и нема да се ризикува со никого, особено што силите треба да се чуваат и за Лигата на шампионите.

Лошата вест за Реал е дека Менди ќе паузира 10-15 дена и тој сигурно ќе го пропушти најголемото дерби во шпанскиот фудбал. Реал речиси никогаш не губи кога Менди е на терен, но без него го победи ПСЖ, па Анчелоти ќе треба во одбраната да го копира составот кој приреди мало чудо во дуелот со парижаните.

Иако се чинеше дека повредата на Родриго е најтешка, се покажа дека е најлесна и тој нема да има проблем да игра против Барса доколку добие шанса да се појави на теренот.

Многу сериозен хендикеп за Реал може да биде ако против Барса не настапи капитенот Бензема, кој е прв стрелец и асистент. Бензема се повреди во финишот на средбата со Мајорка и по новите прегледи в петок, ќе се знае дали тој ќе може да игра на Ел Класико. Без него, лидерот во шпанската лига ќе биде во голем проблем и ќе треба или да ја смени формацијата или да нападне со некој што тотално е надвор од форма.

- Оглас -

Најнови вести