Реал со 7 тројки во прва четвртина го уништи Баерн, и обезбеди четвртфинале на Евролигата

Реал Мадрид е последниот патник во плејофот на кошаркарската Евролига, откако вечерва на свој терен во плејин мечот го совлада Баерн Минхен со убедливи 93-71.

Се чини дека Баварците беа прежалени уште пред почетокот бидејќи не можеа да сметаат на нивниот најдобар играч Карсен Едвардс кој има повреда на грбот. Реал тргна фуриозно, погоди дури 7 тројки од 8 обиди во првата четвртина која ја доби со 33-16, а потоа Кралскиот клуб рутински ја одржуваше предноста и се најде во плејофот. На крај, Реал имаше 15 реализирани шутеви за три поени, но оние 7 од првиот квартал беа клучни.

Противник на Реал во четвртфиналето ќе биде првиот фаворит за титулата и најуспешен тим од регуларната сезона, Олимпијакос. Другите парови се Фенербахче – Париз, Панатинаикос – Анадолу Ефес и Монако – Барселона. Се игра во три добиени средби, а плејофот стартува во вторник, 22-ри април.

- Оглас -

Најнови вести