Рекордна ноќ за Дончиќ во плејоф-дебито, но Канџата му го украде шоуто (видео)

Лука Дончиќ ќе биде голема мака за Клиперс во првата рунда од разигрувањата иако Далас ноќеска загуби со 110:118 во првата пресметка од серијата.

Сензационалниот словенечки кошаркар постави рекорд за најмногу постигнати поени на дебитантски натпревар во плејофот од НБА-лигата. Заврши со 42 поени, a беше блиску до троен учинок со 9 асистенции и 7 скока. Сепак, шоуто му го украдоа искусните Ленард и Џорџ, кои комбинираа 58 поени со тоа што Канџата запиша дабл-дабл од 29 поени и 12 скока.

Клиперси тргнаа офанзивно со 10-0 серија во средбата, меѓутоа до финишот на првата делница Далас поведе и држеше предност сè до последните петнаесетина минути од мечот. Клиперси го засилија темпото во решавачката четвртина. Ленард погоди две слободни фрлања на 8 секунди до крајот и ги постави конечните 118:110, што беше доволно за водство од 1-0 во серијата против Маверикс.

Претходно шампионот Торонто убедливо славеше против Бруклин со 134:110 со помош на одличниот Ванвлит и неговиот дабл-дабл од 30 поени и 11 асистенции.

Џејсон Тејтум со 32 поени и 13 скока го предводеше Бостон до триумф од 109:101 против Филаделфија.

- Оглас -

Најнови вести