Репрезентативецот Димитриоски стави потпис на договорот со Вардар

Европскиот ракометен првак Вардар, и официјално се засили со Димитар Димитриоски. Македонскиот репрезентативец потпиша двегодишен договор со „црвено-црните“ и ќе му прави друштво на Тимур Дибиров на левата крилна позиција.

Димитриоски има 21 година, но веќе стекна искуство со настапите во СЕХА лигата и ЕХФ Лигата на шампионите, во дресот на Металург. Брзината и експлозивноста му се силна страна на Димитар, кој веќе е на списокот на сениорската репрезентација на Македонија. Играше во квалификациите за ЕП 2020 година, а претходно ги помина и сите младински селекции во репрезентацијата.

„ Вардар секогаш сакал во своите редови да има млади, перспективни и не афирмирани ракометари. Тимот им дава шанса за напредување и за покажување на својот квалитет. Димитриоски не е само талентиран туку и квалитетен играч. Младоста е негова предност, и очекуваме истата посветеност со која и досега играше да биде негова препознатливост. Вардар ќе му даде шанса, и очекуваме дека истата ќе ја искористи. Пред клубот се нови предизвици и со новите сили заеднички да продолжиме со добрите настапи, изјави Давор Стојаноски, извршниот директор на Вардар.

Димитриоски е четврто ново име во редовите на Вардар во летниот период. Претходно беше донесен голманот на летонската репрезентација Кугис Артурс, а потоа беше ставен потпис и со двајца руски репрезентативци, кои треба да донесат стабилност во играта на Вардар и добри резултати и во новата сезона од Лигата на шампиони и СЕХА лигата.

- Оглас -

Најнови вести