Револуција во Чемпионшип во плејофот за Премиер лигата

Клубовите во англискиот Чемпионшип изгласаа голема новина, од следната сезона ќе се зголеми бројот на тимови кои ќе се натпреваруваат за место во Премиер лигата преку плејофот. 

Така, наместо досегашните четири, шест клуба ќе се натпреваруваат за пласман во најсилната англиска лига.

Сегашниот систем е во сила од сезоната 1989/90, а според него, четири екипи се борат за финалето, кое се игра на „Вембли“. Тоа финале е познато како „најскапиот натпревар на планетата“, бидејќи влегувањето во Премиер лигата носи вистинско богатство.

Системот е таков што првите два тима на табелата во Чемпионшип одат директно во Премиер лигата, а во полуфиналето од плејофот, третиот на табелата игра против шестиот, односно четвртиот против петтиот. Така ќе биде и оваа сезона, а од следната ќе се игра според овој модел:

Најдобрите два тима, како и досега, директно ќе се квалификуваат за елитниот ранг.

Третиот и четвртиот тим по лигашката фаза одат директно во полуфиналето, додека петтиот против осмиот, или шестиот против седмиот, играат бараж за да се најдат во полуфиналето.

„Одлуката има за цел да го зголеми бројот на резултатски важни натпревари во завршната фаза од првенството, а воедно да им даде можност на два дополнителни клуба да стигнат до финалето на плејофот и да добијат пристап до Премиер лигата“, се вели во соопштението на ЕФЛ.

Минатата сезона, Сандерленд стигна до Премиер лигата преку плејофот, игра одлично во неа и извесно е дека ќе избори опстанок.

- Оглас -

Најнови вести