Ристовски: Ќе дадам сè од себе да помогнам да ја победиме Словенија

Стефан Ристовски не игра подолг период за Спортинг поради повреда, а иако рехабилитацијата е во тек, пристигна на собирот на националната селекција на Македонија и вели дека ќе даде сè од себе да помогне ако има и минимална шанса за настап во четврток против Словенија.

„Пред нас се два клучни натпревари, а позитивна работа е што уште сме во игра за второто место. Сега треба да се концентрираме на мечот со Словенија, а потоа на  друго. Не знам колку сум подготовен. Помина доста време откако играв со Австрија, имав само една недела тренинг и ветувам дека колку можам ќе помогнам. Ако сакаме добар резултат, мора да го покажеме тоа на терен.“, рече Стефан Ристовски.

Селекторот Игор Ангеловски има проблем на десната бочна позиција бидејќи покрај недоволно подготвениот Ристовски, против Словенија право на настап нема и Егзон Бејтулаи. Отпадна и Енис Барди поради повреда, што е хендикеп пред веројатно и клучниот дуел за нас, на 10 октомври против Словенците.

„Знаете дека Барди не може да настапи. Тој е битен член од тимот и дополнителен проблем е што и Бејтулаи нема да игра на првиот меч со Словенија. Затоа на нивно место се Стоилов и Младеновски.
Се надевам дека по ова ќе не одминат уште повреди. Никогаш не се жалам околу составот, тоа е што е. Со тие играчи коишто се на располагање ќе се обидеме да стигнеме до посакуваната цел, а тоа е победа над Словенија. Задоволен сум од фудбалерите што се тука. Тие придонесоа Македонија да се бори за пласман на ЕП. Сите знаеме каде беше Македонија пред неколку години и јас кога дојдов им кажав на играчите дека брзо ќе се вратиме онаму каде што ни е местото, во битка за највисок пласман“, изјави Ангеловски.

Денеска напладне беше првиот собир на репрезентативците, а првиот тренинг е вечерва од 19 часот. Македонија има 8 бода на четири кола до крајот на квалификациксиот циклус за настап на ЕП и се наоѓа на четвртото место. Зад нас е Израел со еднаков број бодови, а Летонија нема шанси за пат на ЕП и е без бодови.

Ривали за двете први позиции коишто водат на континенталниот самит ни се Полска, која е лидер со 13 бода, потоа и Словенија со 11 и Австрија со 10 бодови.

 

 

- Оглас -

Најнови вести