Екипата на Вардар 1961 се подготвуваше за мечевите од Лигата на шампионите, но ЕХФ им ги одложи дуелите со Елверум и ПИК Сегед, па Црвено-црните се најдоа во ситуација среде сезона да бидат еден месец без официјален меч.
Наместо вардарци да имаат одиграно три кола ЛШ и да имаат две недели време да се подготвуваат за четвртиот, се најдоа во ситуација од 16-ти септември да им биде последниот одигран меч, а наредниот на 15-ти октомври. Сето тоа е премалку за да се одржува и да се подобрува формата. А, допрва доаѓа период во кој треба да се играат натпревари и од СЕХА лигата, па календарот ќе им биде проблем.
„Два мини циклуси што ги планиравме ги прекинавме кога формата на екипата требаше најмногу да биде подигната на едно ниво. Ако кажеме дека се спремаме за дуел во среда и така тренираме, во недела или понеделеник добиваме информација дека мечот е одложен. Играчите немаат мотив, бидејќи сме се спремале за еден противник, сме излегле од сите процеси на учење и усовршување, и сме подготвувале една тактика. Овие две седмици ни се промашени во делот на надградување на играта и формата. Сега на 15 октомври е прв нареден меч со Флензбург. Треба да држиш тензија, да држиш во натпреварувачки ритам. Баравме да играме со Еурофарм Пелистер, но рекоа дека неможат бидејќи имале повредени играчи. Многу сме хендикепирани“ – изјави тренерот Стевче Алушовски.
Алушовски се чуди како можеше во Скопје да дојде фудбалскиот клуб Тотенхем, а не може ракометниот Елверум.
„И Швајцарија има строги протоколи, па Криенс дојде да игра меч со Металург. ПИК Сегед беше во Полска, а потоа дома не можеше да организира средба. Се менуваат многу правилата, се надевам дека нема да дојдат уште полоши времиња“ – додава Алушовски.