Кога се појави од Бразил во Европа, Робињо важеше за голем талент. Некогаш го нарекуваа новиот Пеле, а сега „лежи“ деветгодишна затворска казна. Робињо имаше одлична фудбалска кариера, играше за Реал Мадрид, Манчестер сити, Милан…, но сето тоа се упропасти поради силувањето на една девојка во Италија во 2022 година.
Новата жалба на Робињо неодамна беше одбиена, а тој ќе продолжи да ја отслужува затворската казна, а поранешниот фудбалер сè уште тврди дека има доволно докази за да ја докаже неговата невиност.
„Имавме кратка, површна врска. Разменивме бакнежи, а потоа си отидов дома. Таму имаше и други луѓе. Кога видов дека таа сака да продолжи со други момци, си отидов дома. Никогаш не го негирав тоа. Беше консензуално. Никогаш не го негирав. Можев да го негирам затоа што мојата ДНК не е таму. Но, јас не сум лажливец“, објасни поранешниот играч на Сантос во интервју за ТВ Рекорд.

Советот на заедницата Таубате, непрофитна организација основана од судијата Суели Зераик за поддршка на правдата, објави видео во кое Робињо негира дека има какви било привилегии или добива различен третман од другите затвореници.
„Мојата исхрана, мојот распоред за спиење, сè е исто како и со другите затвореници. Никогаш не сум јадел ништо различно, никогаш не сум бил третиран поинаку. Кога е време за работа, правам сè што прават другите затвореници. Ако сакаме да играме фудбал, тоа е дозволено во недела, кога нема работа“, објасни 41-годишникот Бразилец.
Робињо нагласи дека „никогаш не сум имал никакви привилегии“.
„Посетите се во сабота или во недела. Кога сопругата не доаѓа сама, таа доаѓа со моите деца. Посетите се исти, а третманот е ист за сите затвореници“, рече тој.
Инаку, како што објавува „Марка“, затворот Тремембе е дом на многу политичари, познати личности, но и на убијци.

