Австралија по голема драма се радуваше на победа против Перу, во меч кој беше решен на пенали, а го даде патникот на Светското првенство во Катар. Кенгурите скокнаа на Мундијалот, а последниот погодок од пенал го постигна Авер Мабил.
Овој играч има живот од кој може да се направи филм. Мабил е роден во бегалски камп во Какума, во Кенија, каде што поминал дури 10 години од неговиот живот. Неговото семејство живеело во Судан, но морало да избега за да се спаси од граѓанската војна во таа земја.
Семејството на Авер добило статус на бегалци во Австралија во 2006 година и започнале нов живот во Аделаида. Мабил на тој начин добил шанса да го оствари својот сон, а тоа е да стане професионален фудбалер.
Не само што стана фудбалер, тој веќе четири години е репрезентативец на Австралија. Одигра 28 меча и даде седум гола, а синоќа тој го постигна најзначајниот погодок во кариерата. Погоди од пенал во шестата серија, а потоа голманот на Австралија одбрани и Кенгурите се најдоа на Мундијалот.
„Знаев дека ќе дадам гол. Едноставно тоа беше единствен начин на кој можев да ѝ се одолжам на Австралија за тоа што го направи за мојата фамилија. Јас сум роден во бегалски камп. Моето семејство заминало од Судан поради војната. Роден сум во колиба. Мојата хотелска соба тука е поголема од колибата во која живеевме во бегалскиот камп. Австралија ни даде шанса за нов живот. Затоа ѝ го должев тој погодок на земјата“, вели Мабил, кој има 26 години и моментно игра за Касимпаша како позајмен играч од Митјиланд.
За Авер првпат светската јавност слушна пред три години, кога играше за Митјиланд и даде гол на дуелот против Копенхаген, а потоа се расплака. Овој бегалец кој стана професионален играч, тогаш плачеше поради смртта на неговата сестра, која настрадала во сообраќајна несреќа.
Вистинска филмска приказна е животот на Авер Мабил, кој сега испишува една многу среќна страница од кариерата.