Марко Ројс, ѕвездата на Борусија Дортмунд, е прогласен за најдобар германски фудбалер за 2019 година. Наградата која ја доделува реномираниот медиум „Кикер“, а гласаат 540 фудбалски новинари и експерти во Германија ја доби капитенот на Милионерите, кој доби 154 гласови, односно повеќе од второпласираниот Кај Хаверц од Баер Леверкузен и Џошуа Кимих од Баерн Минхен.
Ројс како лидер на избраниците на Луцијан Фавр оствари фанстастична сезона зад себе во која запиша 17 погодоци и 11 асистенции на 27 меча во Бундеслигата, односно вкупно 21 гола и 13 асистенции во сите натпреварувања, предводејќи ги Милионерите до борба за шампионската титула со Баерн до последното коло, која на крајот ја загубија. Претходно оваа награда ја доби во 2012 година како член на Борусија Менхенгладбах.
Ројс престижната награда ја наследи од Тони Крос, кој, пак, оваа година не се најде ниту во топ 10. Одличјето за најдобар германски стратег заврши во рацете на Јирген Клоп, кој со неговиот Ливерпул ја освои европската титула и водеше тесна битка со Манчестер сити за тронот на Англија.