Марко Ројс, капитенот на Борусија Дортмунд, од почетокот на февруари годинава е вон терените поради повреда на бутниот мускул. Му се предвидуваше пауза од неколку недели, односно требаше да пропушти важни натпревари меѓу кои беше и реваншот против ПСЖ во Лигата на шампионите.
Потоа се случи прекинот на сезоната поради пандемијата со Коронавирусот, па сега Ројс вели дека тоа е во негова корист.
„Искрено, паузата за мене лично е добра работа. Се фокусирав на закрепнувањето без да брзам, а како стојат работите наскоро ќе бидам подготвен да играм. Доколку сезоната продолжи според планираното (во мај), ќе можам да се приклучам на тимот. Не ми е тешко што мора да седам дома, излегувам само по потреба кога треба да се набават намирници. Кога имате едногодишно дете не може да ви биде здодевно бидејќи цело време трчате по него“, истакна Ројс.
Пред прекинот, Милионерите во Бундеслигата беа втори на табелата со 51 бод по 25 одиграни натпревари, четири помалку од лидерот и актуелен првак Баерн Минхен.