Има 37 години и завидна фудбалска кариера зад себе, но сѐ уште го влече топката и нема намера да каже – крај. Вевчанецот, кој е еден од легендарните фудбалери на Работнички, најдобар стрелец на клубот во европските натпреварувања и со најголем број одиграни меѓународни натпревари како член на Романтичарите, оваа сезона е во поинаква мисија, да ја врати Македонија ЃП во елитата.
На добар пат е со Лавовите да избори пласман на прволигашка сцена, а состави хуманитарен тикет во Sport Life, со надеж дека ќе успее да погоди и да донира таму каде што е најпотребно.
Крсте Велкоски е поранешен македонски репрезентативец, фудбалер кој отсекогаш умеел со топката, голгетер, но и лидер на теренот. Почна во Работнички, во македонскиот шампионат играше и за Металург, а градеше интернационална кариера и во Романија, Јужна Кореја, Тајланд, Кипар, но најголем белег остави во БиХ, каде што беше и капитен на Сараево, еден од култните клубови од поранешна Југославија.
„Работнички е мојот клуб во македонски рамки, а секако дека Сараево ми е при срце од периодот кога градев интернационална кариера. Таму имам многу пријатели, секојдневно сме во контакт, Сараево и како град навистина ми е многу драг и таму секогаш одам со насмевка“, вели Крсте Велкоски.
Играше за „бордо тимот“ во два наврати, во периодот од 2014 до 2016, и потоа од 2017 до 2022 година. Ја носеше и капитенската лента на Сараево, изгради имиџ на еден од легендарните фудбалери на овој клуб. Во Македонија, за жал, навивачите не знаат да изградат таков култ кон фудбалерите што дале многу за својот клуб.
Крсте Велкоски беше и македонски репрезентативец, учествуваше на Европското првенство во 2021 година, одигра вкупно 15 меча за националниот тим.
Оваа сезона е дел од Македонија Ѓорче Петров, која создаде тим од искусни фудбалери со цел експресно да се врати во Првата лига. Засега добро им оди на Лавовите, а Велкоски ја носи „десетката“ на ѓорчепетровци.
„Добив понуда од раководството на Македонија ЃП и решив да ја прифатам, и морам да кажам дека во ниту еден момент воопшто не се покајав поради тоа. Тимот е еден спој на младост и искуство, несомнено сме најквалитетни во Втората лига и верувам дека ќе го оствариме тоа што сите го посакуваме, да го вратиме клубот во Првата лига. Морам да кажам дека условите навистина се на завидно ниво, Македонија ЃП и оваа сезона функционира како прволигашки клуб“, посочува Велкоски.
Редовно го следи европскиот фудбал, најмногу Премиер лигата, а оваа сезона навистина „му оди“ затоа што и неговиот Ливерпул е на прагот на освојување на шампионската титула.
„Навивам за Ливерпул и многу ретко ги пропуштам натпреварите на овој клуб. Се разбира, освен ако немам професионални ангажмани токму во периодот додека игра и Ливерпул. Одлични се оваа сезона, играат офанзивен фудбал, постигнуваат многу голови и што е најважно – победуваат. Се надевам дека така ќе биде и до крајот на сезоната“, вели Крсте Велкоски како фан на Црвените од „Енфилд“.
Состави хуманитарен тикет со надеж дека ќе успее да го погоди и да ја донира добивката на оние што им е најпотребна во моментот.
„Да се надеваме дека ќе бидеме успешни. Нема гаранција никогаш, но ќе се потрудиме да погодиме“, порача Крсте Велкоски во пресрет на новиот обложувачки викенд што претстои.
