Роналдињо има свој фаворит: „Тој може да ја освои Златната топка со која било екипа“

Легендарниот бразилски фудбалер Роналдињо во изјава за АФП го откри својот фаворит за освојување на Златната топка во следните години. Тој е воодушевен од францускиот репрезентативец Килијан Мбапе, кој настапува за екипата на ПСЖ, клубот за којшто играше и славниот Роналдињо во периодот од 2001-вата до 2003-тата година.

„Го сакам ПСЖ и сакам тоа да го направи со нив. Тој е мој добар пријател и многу добар фудбалер. Ми се допаѓа неговиот стил на игра. Логично, освојувањето на големите турнири ќе му помогне да ја освои и Златната топка“, вели Роналдињо.

Поранешната ѕвезда на Барселона вели дека Мбапе има квалитети да дојде до Златната топка, без разлика за која екипа настапува, а оваа сезона францускиот репрезентативец постигна 18 гола на исто толку натпревари за ПСЖ во сите натпреварувања.

Во годинешниот избор за Златната топка, Мбапе заврши на третата позиција, веднаш зад Лионел Меси и Ерлинг Халанд.

- Оглас -

Најнови вести