Екипата на Ал-Наср со 4:2 победи на гостувањето кај Ал-Шабаб во меч од 32-рото коло на првенството во Саудиска Арабија. Со освојување на трите бода, Ал-Наср се зацврсти на првото место на табелата со 82 бода, пет повеќе од Ал-Хилал, кој има и меч помалку. Ал-Наср атакува да ја освои првата титула со Кристијано Роналдо во составот. Португалската легенда веќе три години е дел од Ал-Наср, но досега се нема израдувано на пехар.
На тешкото гостување кај Ал-Шабаб, тимот на Ал-Наср започна фуриозно и со два погодоци на Жоао Феликс поведе со 2:0 во првите 10 минути. До крајот на првиот дел, домаќините постигнаа погодок за 1:2. Во второто полувреме, Кристијано Роналдо даде гол за водство на Ал-Наср од 3:1, а откако Ал-Шабаб намали на 2:3, следуваше и третиот погодок на Жоао Феликс од пенал за конечни 2:4 во корист на гостите.
Роналдо со погодокот на дуелот против Ал-Шабаб стигна до 971 погодок во кариерата и е чекор поблиску до остварување историскиот подвиг да стигне до 1.000 погодоци. Во исчекување на 1.000-тиот гол на Роналдо, Португалецот испиша друг историски подвиг. Тој го постигна 100-тиот погодок во 105-тиот меч одигран во првенството на Саудиска Арабија и стана првиот фудбалер во историјата кој во три различни првенства има дадено 100+ погодоци.
Претходно, троцифрен број на голови Кристијано Роналдо има дадено и во првенствата на Шпанија и на Англија. Во дресот на Реал Мадрид постигна 311 погодоци во Примера дивисион, додека како играч на Манчестер јунајтед постигна 103 погодоци во Премиер лигата. Сега има и 100 погодоци во првенството на Саудиска Арабија.
Интересно е дека Роналдо даде над 100 погодоци и како играч на Јувентус во сите натпреварувања, но во Серија А застана на 81 гол.

