Менаџерот на Астон вила, Унаи Емери, изрази огромна гордост по победата од 4-0 над Нотингам форест и пласманот во финалето на Лигата на Европа.
„Ова беше посебен ден, навивачите го препознаа тоа и создадоа неверојатна атмосфера. Тие играа заедно со нас, ни ја пренесоа својата енергија и желба, а за да го освоиш овој турнир, многу е важно да покажеш дека навистина го посакуваш. Ние го правиме тоа во текот на целиот процес. Играчите фантастично одговорија на теренот“, изјави Емери.
„Требаше да подобриме одредени аспекти, особено во дуелите каде што не бевме доволно добри. Во моментите кога доминиравме, моравме да бидеме поконкретни и поубиствени. Работевме по првиот натпревар за да се подобриме и успеавме во тоа“, истакна Шпанецот.
„Посебно е чувството да се игра финале во Истанбул и можеме да бидеме горди на начинот на којшто стигнавме дотука. Сега треба да уживаме – во процесот, во финалето и во подготовката за натпреварот, со почит кон турнирот, кон финалето и кон Фрајбург“, додаде тренерот на Астон вила.
Емери се осврна и на придонесот на своите играчи.
„Секој е подготвен да игра и да помогне. Начинот на којшто се вклопи Виктор Линделоф навистина беше фантастичен“, порача Емери.
За шпанскиот стратег претстојното финале против Фрајбург ќе биде шесто финале во Лигата на Европа.

