Кристијано Роналдо имаше ново шоу во дресот на португалската репрезентација која убедливо со 5:1 ја победи Полска. По првиот дел на овој меч немаше голови, но во второто полувреме се случи шоу со шест погодоци, од кои пет беа во мрежата на гостите.
Во фокусот повторно беше Роналдо кој даде два гола. Првиот беше од пенал, а вториот на атрактивен начин со „ножички“. Кристијано кој за два месеци ќе наполни 40 години, покажа дека воопшто не му е проблем да направи акробација за да даде фантастичен гол.
Со победата на овој меч, Роналдо постави уште еден рекорд. Ова беше негова 132 победа во дресот на Португалија и сега е светски рекордер по бројот на победи со наионалнио тим. Досега овој рекорд беше во сопственост на Серхио Рамос кој имаше 131 победа во дресот на шпанската репрезентација. Трет на оваа листа е Икер Касилјас со 121 победа во репрезентативниот дрес на Шпанија.
Роналдо најави дека уште ужива во фудбалот и дека воопшто не размислува за пензија. Тој најави дека е подготвен да игра уште една до две сезони, зашто што иако за брзо време ќе наполни 40 години, тој не се чувствува преморен од фудбалот.
Според многумина, Роналдо се подготвува за настап на Светското првество во 2026 година, кое би било негово шесто и со тоа ќе стане првиот фудбалер кој заиграл на шест Мундијали.