Фудбалската репрезентација на Белгија е главен фаворит за првото место во групата од квалификациите за пласман на Светското првенство 2026 година, а првиот меч ќе го игра утре и тоа во Скопје против Македонија.
Во овие квалификации, Белгија е и со нов селектор на клупата, а тоа е Руди Гарсија. Французинот кој ја предводи Белгија верува дека неговите избраници утре ќе стигнат до победа на арената „Тодор Проески“.
„Сите сме подготвени. Дојдовме тука да победиме, но знаеме дека нема да биде лесно. Македонија веќе има освоено четири бодови, а ние дури сега започнуваме во квалификациите. Секогаш е предизвик да се игра на гостински терен. Кога играме дома сме силни и не губиме ни против селекции како што е Англија. Имам идеја за тоа кои играчи треба да бидат во стартните 11. Знаеме дека не смееме да го потцениме противникот. Ќе биде тежок меч, Македонија прави притисок и ги користи грешките на противникот. Тука се Елмас, Алиоски и уште неколку други играчи, но ние сакаме да доминираме на теренот. Без разлика против кого играме, одиме на победа“, рече Гарсија.
Селекторот на Белгија потенцираше дека во Скопје времето е многу топло и дека тоа ќе биде проблем.
„навистина е топло тука. Денеска беше 33 степени. Секако дека тоа е елемент кој не треба да се занемари. Влажноста на воздухот истотака е посебна тема. Затоа и дојдовме еден ден порано, да се прилагодиме“, потенцираше селекторот на Белгија.