Вејн Руни имаше фантастична играчка кариера која траеше речиси 20 години и во која успеа да стане најдобар стрелец во историјата на Манчестер јунајтед на клупски план, а исто така и најдобар голгетер во историјата на англиската репрезентација. По завршување на таа кариера, Руни остана во фудбалот и продолжи како тренер.
Новата кариера на Руни започна како тренер во Дерби каунти, каде што работеше од 2020 до 2022 година, а потоа си замина во ДЦ јунајтед. По една година помината во САД, Руни се врати во Англија и на 11 октовмри беше промовиран за нов тренер на Бирмингам.
Кога дојде во новиот клуб, Бирмингам беше на петтото место во Чемпионшип и се најавуваше како еден од кандидатите за влез во Премиер лигата, а газдите на клубот веруваа дека со Руни на чело, екипата ќе биде уште подобра.
Сепак, по неполни три месеца, ситуацијата е сосема поинаква. Бирмингам вчера загуби убедливо со 3:0 на гости кај Лидс и продолжи лошата серија под водство на Руни.
Откако Руни е тренер, Бирмингам одигра 15 меча и претрпе дури девет порази, четири пати одигра нерешено, а победи само двапати. Тимот од петтото место падна дури на 20-тата позиција на табелата во Чемпионшип, па наместо да размислува за пласман во Премиер лигата, сега Бирмингам може да стравува и за опстанок.
Навивачите на Бирмингам веќе го загубија трпението и по вчерашиот пораз од Лидс, од трибините имаа само една порака за Руни скандирајќи: „Вејн Руни оди си од клубот“. Иако имаше тригодишен договор со Бирмингем, Руни денеска доби отказ.
— Wayne Rooney (@WayneRooney) January 2, 2024