Одбојкарската репрезентација на Македонија попладнево (16 часот) ќе го одигра последниот натпревар на Европското првенство со кој ќе се прости од континенталниот турнир, а желбата на Спартанците е да биде тоа на што подобар начин.
Противник против кој одбојкарите ќе ја бранат честа е рускиот национален состав кој влезе во победнички ритам и веќе го осигура пласманот во нокаут фазата. Иако Русија е огромен фаворит на хартија, но и според квотите во Sport Life, Зборнаја е свесна дека ќе се соочи со моментално вториот најдобар стрелец на шампионатот, нашиот капитен Никола Ѓоргиев.
Ѓоргиев во пет меча досега во кои просечно настапи на нешто повеќе од пет сета или вкупно 29 одиграни сета, забележа 153 поени, само шест помалку од лидерот Лео Андриќ од Хрватска. Несомнено тој е нашиот најдобар одбојкар, како лидер на репрезентацијата во него се има верба која треба да ја сподели со соиграчите и да ни овозможи радост за крај со кој ќе може да се вратат дома со кренати глави.