Финалето кое што многумина го посакуваа и предвидуваа за трофејот на Вимблдон, ќе се случи денеска. Во 15 часот на Централниот терен ќе се појаваат Новак Ѓоковиќ и Карлос Алкарас.
Србинот е рекордер по бројот на освоени Гренд слем трофеи и засега е на бројката од 23, додека младиот Шпанец е предводникот на новата генерација и атакува на првиот Вимблдон. Алкарас е прв на АТП листата и доколку денеска победи ќе ја задржи лидерската позиција, додека ако Ѓоковиќ триумфира во финалето, Србинот од утре ќе биде новиот број 1 во светскиот тенис на рангирањето.
Ѓоковиќ ќе се бори за осмиот трофеј на Вимблдон, а петти во низа. Доколку победи, ќе стигне до 24 гренд слем трофеи и ќе има два повеќе од неговиот најголем ривал Рафаел Надал кој е на бројката од 22 титули.
„Алкарас е млад, но веќе е многу константен, дури и кога игра на трева. Малку кои очекуваа дека може да е толку добар. Неговиот стил на игра е направен за на земја и поспориот бетон, но неверојатно брзо се прилагодува на сите подлоги. Тоа ме потсетува на мене, бидејќи и јас знаев како да одговорам на различните предизвици. Што се однесува до мене, се знае. Моја амбиција е да освојам нова титула. Без разлика што веќе испишав историја и поставив многу рекорди, сакам да продолжам да победувам“, рече Ѓоковиќ пред финалето.
Овие двајца тенисери досега имаат играно два пати и двајцата по еднаш се радувале. Алкарас се радувале минатата година во полуфиналето на турнирот во Мадрид кога славеше со 2:1, додека Ѓоковиќ беше подобар на дуелот од минатиот месец, кога истотака во полуфинале, со 3:1 го победи Шпанецот на Ролан Гарос. Ова е прв пат да играат во финале.
„Ѓоковиќ нема слабости. Тој е комплетен играч. Неверојатен е. Ништо погрешно не прави во текот на мечот. Физички е ѕвер, ментално е ѕвер. Сепак, секогаш кажувам дека ако сакате да бидете најдобар, мора да ги победите најдобрите. Ќе биде препрасно ако успеам да го победам“, рече Алкарас во пресрет на финалето.
Шпанецот ќе има навистина голем предизвик, посебно ако се знае дека Ѓоковиќ има 45 победи по ред кога игра на Централниот терен на Вимблдон.