Белоруската тенисерка Арина Сабаленка ја презеде првата позиција на ВТА-листата од Полјачката Ига Швјонтек. Сабаленка има 9.706 поени, додека Швјонтек е на второто место со 9.665 поени. И двете тенисерки загубија поени поради новите правила на ВТА за пресметка на поени на турнирите од серијата 500, што повеќе ја чинеше Швјонтек.
Сабаленка ја почнува деветтата недела на врвот и моментално е на 26-тото место по должината на престојот како светска број 1 во историјата. Ако остане на првата позиција до Отвореното првенство на Австралија, каде што го брани трофејот, таа ќе ги прескокне Венус Вилијамс (11 недели), Ана Ивановиќ и Аранча Санчес (12), Џенифер Капријати (17), Јелена Јанковиќ (18) и Ким Клајстерс (20).
Од друга страна, Швјонтек заврши со 125 недели на врвот, со што е седма во историјата. Пред неа се Штефи Граф (377), Мартина Навратилова (332), Серена Вилијамс (319), Крис Еверт (260), Мартина Хингис (209) и Моника Селеш (178).
Третото место на ВТА-листата го зазема Американката Коко Гоф со 5.963 поени, а нејзината сонародничка Џесика Пегула е четврта со 5.785 поени. На петтото место е Елена Рибакина од Казахстан, додека Италијанката Јасмин Паолини е шесторангирана.
Во Топ 10 се наоѓаат и кинеската тенисерка Кинвен Женг, Американката Ема Наваро, Русинката Дарија Касаткина и Бразилката Беатриз Хадад Маја.