0.8 C
Skopje
среда, 14 јануари 2026

Садио Мане го одведе Сенегал во финалето на Африканскиот куп на нации (Видео)

Репрезентацијата на Сенегал се пласираше во финалето на Африканскиот куп на нации, откако во Танжер ја совлада селекцијата на Египет со 1-0.

Во дуелот на двајцата некогашни соиграчи и ѕвезди на Ливерпул, Садио Мане и Мохамед Салах, како победник излезе капитенот на Сенегал, кој со прекрасен удар во 78-та минута им пресуди на Египќаните во натпревар што не изобилуваше со возбудувања.

Првото полувреме беше за заборав. Сенегалците имаа значително поголем посед на топката, но без вистинска идеја како да го пробијат цврстиот бедем на Фараоните, кои изгледаа многу организирано во одбраната.

Првата посериозна шанса ја видовме дури на почетокот на второто полувреме, кога Камара упати удар што голманот Ел Шенави без поголеми проблеми го одбрани.

Селекцијата на Папе Тија кружеше околу шеснаесетникот на Египет барајќи ја вистинската можност, а таа дојде во 78-та минута, моментот што го реши мечот.

По еден среќен одбиток, топката стигна до неуништливиот Садио Мане, кој од околу 20 метри упати вистинска „бомба“ и ја затресе мрежата на немоќниот голман.

Египет потоа тргна на сè или ништо, со целосна офанзива, а своја шанса имаше и Мармуш, кој шутираше директно во голманот Менди.

Салах и соиграчите не успеаја да го загрозат голот на Сенегал, па Лавовите од Теранга заслужено се пласираа во финалето и ќе се борат за титулата најдобра африканска репрезентација.

Сенегал во финалето ќе се сретне со победникот од дуелот меѓу Мароко и Нигерија, додека Египет ќе игра за третото место против поразениот од тој меч.

- Оглас -

Најнови вести