Саленко: Фенербахче греши со форсирање на ветерани

Олег Саленко вели дека Зенит е голем фаворит против Фенербахче во двомечот од нокаут фазата во Европа Лигата, а патем ја критикува фудбалската филозофија на турскиот гигант. Двомечот започнува денеска со првиот дуел во Истанбул од 18.55 часот.

„Фенербахче се потпира на играчи кои се веќе ветерани, како Шкртел, Валбуена, Солдадо… Тоа е погрешна клупска политика. Играчите во залезот на кариерата доаѓаат во турските клубови за пари. Тоа не е добра фудбалска политика“, вели Саленко.

Стрелецот на рекордни пет гола на мундијалски меч играше порано за Зенит, а го познава одлично и турскиот фудбал, бидејќи беше член на Истанбулспор. Фудбалската јавност го памети по петката во дресот на Русија на Светското првенство во САД во 1994 година. Саленко на мечот против Камерун постигна рекордни пет голови во победата на својата селекција од 6:1 и ја освои наградата за најдобар стрелец на Мундијалот заедно со Христо Стоичков.

„Зенит е посилен тим од Фенербахче и ако успее да воспостави контрола на поседот на топката ќе нема проблем да победи на двата дуели. Тоа што најмногу ги плаши гостите кога играат против Фенербахче е неверојатната атмосфера што ја создаваат навивачите на Шукру Сарачоглу. Таква атмосфера е ретка во светот на фудбалот“, додава Олег.

На списокот со играчи што конкурираат за настап против Зенит, кај Фенербахче е и нашиот репрезентативец Елиф Елмас. Во последно време тој се почесто е резерва, а и вечерва 19-годишниот скопјанец тешко дека ќе биде стартер, политика на клубот што ја критикува и Саленко.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести