Атлетико Паранаенсе е новиот освојувач на Судамерикана купот во Јужна Америка, натпреварување кое е на нивото на Лигата на Европа во Европа. Бразилскиот тим се радуваше на трофејот откако дури по подоброто изведување на пеналите, го победи Жуниор од Колумбија.
Бразилците утрово беа домаќини во реванш-мечот откако првата средба во Колумбија заврши 1-1. Мечот започна одлично за домаќините и во 27-мата минута поведоа со голот на Пабло. Сепак, Жуниор не се предаде и со погодокот на Гутиерез израмни на 1-1 во 58 минута. Тоа беше резултатот со кој заврши и првата средба, па откако до 90 минута немаше погодоци, мораше да се играат дополнителни 30 минути продолженија.
Во екстра времето, гостите имаа топка за титула. Во 111-тата минута беше досуден пенал за Жуниор, но Бареира шутираше високо над голот, па драмата продолжи и мораше да се изведува „пенал-рулет“.
😱 Haja coração na Arena! pic.twitter.com/RQZUnnnRE2
— CONMEBOL Sudamericana (@SudamericanaBR) December 13, 2018
Во серијата од по пет пенали, Атлетико Паранаенсе беше поуспешен со 4-3 и на крајот стигна до титулата во Судамерикана купот.
НАРЕДНАТА ГОДИНА КОПА ЛИБЕРТАДОРЕС ЌЕ ОСВОИ БРАЗИЛСКИ КЛУБ?
Има една традиција според која уште отсега на Бразил може да му се честита титулата во Копа Либертадорес за 2019 година. Само прашање е дали првак на јужноамериканскиот континент ќе биде Атлетико Паранаенсе, Крузеиро, Палмеирас, Фламенго, Интернасионал, Гремио, Сао Пауло или Атлетико Минеиро.
Од 2013 година наваму, секогаш Копа Либертадорес му припаѓа на тим од земја чиј клуб освоила Судамерикана во претходната година. Така, во 2012 Судамерикана освои Сап Пауло, а во 2013 Копа Либертадорес освои Атлетико Минеиро. Потоа традицијата ја продолжија аргентинските Ланус и Сан Лоренцо, па Ривер плејт по Судамерикана во 2014, стана првак на Либертадорес во 2015, па се вмешаа колумбиските Сантa Фе и Атлетико Насионал. Во 2016, Шапекоенсе освои Судамерикана, а во 2017 сонародникот Гремио стана првак на Јужна Америка и сега по лансата прослава на Индипедиенте во Судамерикана, Ривер плејт освои Копа Либертадорес.