Јувентус е единствениот клуб во Серија А на кој сезонава му беа одземени дури 15 бода, но се чини дека тука нема да биде крајот на Старата дама. Најавите се дека на најтрофејниот италијански клуб му се закануваат со одземање нови – 20 бода. Доколку тоа се случи, Јувентус ќе биде пред речиси сигурно испаѓање од елитата на крајот од сезоната.
Сепак, Јувеентус не е единствен клуб кој поради одземање бодови може уште сега да биде „испаднат“ во Серија Б. На Сампдорија ѝ се заканува казна со одземање бодови доколку до 16 февруари не ги исплати платите на фудбалерите и сите останати вработени во клубот за последните три месеци од 2022 година.
Според медиумите во Италија, на Сампдорија ѝ се потребни 11 милиони евра да го санира долгот кој го има за плати на фудбалерите и останатите во клубот. За да се анулираат сите останати долгови, на Сампдорија ќе ѝ бидат потребни дополнителни 50 милиони евра.
Според информациите од Сампдорија, семејството Фереро, во чија сопственост е Сампдорија, нема намера во овој период да ги исплати долговите, што значи дека клубот многу веројатно ќе биде казнет.
Сампдорија сезонава игра слабо и по 20 одиграни кола има освоено само девет бода, што е доволно за претпоследното место на табелата во Серија А. Специја, која е на 17-тото место, последно што носи спас од испаѓање, веќе има 18 бода. Доколку Сампдорија биде казнета со одземање бодови, клубот веќе може да се подготвува за играње во Серија Б за следната сезона.