Португалија и Швајцарија утревечер во меѓусебен дуел ќе треба да го дадат последниот патник во осминафиналето на Светското првенство во Катар. Селекторот на Португалија, Фернандо Сантош, беше запрашан дали е во ред однесувањето на Роналдо кога беше заменет во второто полувреме. Капитенот на Португалија бурно реагираше, дури и се караше со еден противнички играч.
„Дали ја видов таа ситуација? Да, и воопшто не ми се допадна. Но, тоа е само еден момент и тоа го решивме во соблекувалната, зад затворени врати. Тоа е решено и сега сме фокусирани за утрешниот меч“, вели селекторот Сантош, кој додаде дека уште нема одлучено со кој стартен состав ќе настапи против Швајцарија и дека дури пред почетокот на дуелот може да одлучи кој ќе биде капитен и дали тоа ќе биде Роналдо.
Роналдо во Катар постави рекорд и стана прв фудбалер во историјата што постигнал барем по еден гол на пет Светски првенства. На Португалецот тоа му успеваше на СП во 2006, 2010, 2014, 2018 и сега во Катар.
Сепак, Роналдо е едно од најголемите разочарувања досега, па тој дури беше сместен и во најлошиот состав на Мундијалот по завршување на групната фаза.