Селекторот на Англија, Герет Саутгејт, изјави дека Европското првенство во Германија во 2024 година би можело да биде неговата последна шанса да ја одведе својата репрезентација до триумф на голем турнир.
Саутгејт (53) е на чело на Англија од 2016 година, договорот му е до 31 декември 2024 година. Под негово водство, Англичаните стигнаа до полуфиналето на Светското првенство 2018 и до финалето на ЕП 2020, а беа елиминирани во четвртфиналето на СП во 2022 година.
Многумина критикуваат дека тој е најслабата алка во супер тимот кој ќе го има Англија на ЕП 2024.
„Ако не победиме, веројатно нема да бидам повеќе тука. Ова е можеби мојата последна шанса. Мислам дека околу половина од селекторите заминуваат по големите турнири, ова е суштината на репрезентативниот фудбал. Јас сум тука речиси осум години. Не можете постојано да велите: „Ве молам, уште малку“. Во одреден момент, луѓето едноставно губат верба во вашите зборови. Ако сакаме да бидеме голем тим, ако сакам да бидам врвен тренер, тогаш треба да покажеме резултати во важни моменти“, изјави Саутгејт.
Англија во групната фаза на ЕП 2024 ќе игра против Србија, Данска и Словенија.