Се подготвува „војна“ во Србија: Црвена ѕвезда и официјално ќе ја бара шампионската титула од 1986

Српските медиуми вечерва пренесуваат информација дека Црвена ѕвезда утре и официјално ќе поднесе барање до Фудбалскиот сојуз на Србија за признавање на титулата од 1986-тата година.

Титулата во 1985/86 сезона на фудбалскиот терен ја освои Партизан, но претседателот на Фудбалскиот сојуз на Југославија, Славко Шајбер, го поништи последното коло, па Црвена ѕвезда дојде до титулата, која после две години со одлука на судот во Белград му беше вратена на Партизан. За ФС на Југославија и УЕФА шампион таа сезона беше Црвена ѕвезда која учествуваше и во Купот на шампионите.

Но, што точно се случуваше пролетта таа 1986-та година. Во последното коло Партизан и Црвена ѕвезда влегуваат со ист број на бодови, по 47, но „црно-белите“ имаат подобра гол-разлика, па потребно им е да победат со иста разлика на домашен терен против Железничар, како и Црвена ѕвезда на гостувањето кај Сараево. На крајот двете екипи победуваат со по 4-0 и Партизан е шампион, но мечот на стадионот ЈНА започнува со седум минути доцнење поради церемонија во чест на Звонко Варга. И Црвена ѕвезда има слично барање за мечот на „Кошево“, кое не е прифатено.

Тука на сцена стапува Славко Шајбер, кој го поништува последното коло и дава наредба да се одигра ново, па затоа тоа коло го добива името „шајберово коло“. На почетокот сите екипи одбиваат да играат, но на крајот Партизан останува сам, па на ЈНА истрчуваат само фудбалерите на Железничар кои го добиваат мечот со службени 3-0, а Црвена ѕвезда губи со 2-1 од Сараево и станува шампион.

Останува сега да се види каква ќе биде одлуката на Фудбалскиот сојуз на Србија, но како што пренесуваат медиумите кај северниот сосед, според случувањата нема да биде изненадување доколку биде донесена одлука во корист на „црвено-белите“, што во секој случај само ќе ја зголеми нетрпеливоста помеѓу белградските ривали.

- Оглас -

Најнови вести