Се потсетија на дамнешните времиња – Баерн не бил вака лош од минатиот век

Баерн не успеа да ја прекине црната серија од 4 меча без победа на домашен терен, за шампионот во Бундеслигата не беа доволни ниту предноста од 2:0 и 3:1, па Фортуна си ја најде среќата во Минхен и го врати најтрофејниот германски клуб во минатото.

Ваква серија од 4 натпревари без триумф на домашен терен, Баерн за последен пат имал во 1994 година. Минаа цели 24 лета, а шампионот има негативна низа од три нерешени и еден пораз дома.

На последните 8 натпревари Баерн прима гол што е потсетување на 2000-та година, кога се случи истото за последен пат, па сега веќе речиси и да нема излез за Нико Ковач. Тренерот кој го презеде тимот ова лето, веројатно ќе добие отказ, ако нешто драстично на подобро не му се случи на тимот со големи амбиции и одличен квалитет.

Напаѓачот  на Фортуна Диселдорф, Доди Лукебакио само достави сол на раните на Баерн и стана првиот играч со хет-трик на „Алијанц арена“ по Ебе Санд во 2001 година. Премногу негативни рекорди и потсетување на лошите периоди на Баерн од пред многу години му висат на Ковач како дамоклов меч.

Германските медиуми веќе оддамна пишуваат дека хрватскиот стратег нема да ја дочека 2019 година на кормилото на Баерн.

 

- Оглас -

Најнови вести