Се собраа фудбалските јунаци што ќе играат на Европското првенство во јуни и јули годинава, а сега целта е малку поинаква, успешно да се прегрми мартовскиот циклус од три натпревари во квалификациите за настап на Мундијалот во Катар идната година.
За првпат по долг период и по историскиот успех во Тбилиси, кога ја победивме Грузија со 1:0 за пат на ЕП се видоа дел од репрезентативците што успешни ја изведоа „операцијата“ во Грузија.
Во прегратки се најдоа Барди и Алиоски, Ристевски си помуабети со Хасани, а насмевки имаше на лицата на некогашните клупски соиграчи од Шкендија, Муслиу и Бејтуали, како и кај сите што досега пристигнаа на првиот собир пред дуелите со Романија на 25. март во Букурешт, потоа три дена подоцна со Лихтенштајн во Скопје и на 31. март со Германија во Дуизбург.
Проблеми има, ќе недостасуваат неколку играчи, меѓу нив секако најголем хендикеп ќе биде што ќе го нема повредениот капитен на Динамо Загреб, Аријан Адеми, но атмосферата е победничка, особено по големиот успех на 12. ноември и победата против Грузија што не одведе на првото големо натпреварување за А селекцијата на Македонија.