Се зголемува притисокот врз Рубијалес: И шпанскиот премиер го осуди бакнежот на првиот човек на Федерацијата со фудбалерка

Шпанскиот премиер Педро Санчес се приклучи на сè поголемиот број луѓе кои ја осудија постапката на претседателот на Фудбалската федерација на Шпанија, Луис Рубијалес, кој на победничкиот пиедестал по финалето на женското Светско првенство ја бакна во уста фудбалерката Џени Ермосо.

Санчес смета дека потегот на Рубијалес, кој беше забележан од камерите и емитуван низ целиот свет, е „неприфатлив“ и дека неговото извинување не е доволно, со што оставката станува реалност.
„Тоа што го видовме сите е неприфатливо“, изјави шпанскиот премиер.

Рубијалес, кој во неделата ги негираше обвинувањата кои пристигнуваа на негова адреса, во понеделникот се извини и рече дека „целосно прогрешил“.

„Извинувањата на Рубијалес не се доволни, дури мислам дека не се соодветни. Тој мора да се обиде да објасни зошто го направи тоа. Фудбалерките направија буквално сè за да победат, но однесувањето на Рубијалес покажува дека патот до еднаквоста е долг“, додаде премиерот Санчес.

Втората потпретседателка на шпанската влада, Јоланда Дијас, отиде чекор понапред и побара оставка од првиот човек на Фудбалската федерација.

„Неговите изговори се бескорисни. Репрезентацијата ни покажа многу за еднаквоста меѓу мажите и жените, не само во фудбалот и спортот. Ни покажа дека во нашата земја мора уште многу да се работи за жените и мажите да бидат рамноправни“, изјави Дијас.

- Оглас -

Најнови вести