Седлоски ќе го враќа Работнички на шампионските патеки

Трофејниот македонски стратег и легендарен македонски репрезентативец Гоце Седлоски е нов шеф на стручниот штаб на ФК Работнички. Тој потпиша договор на 18 месеци и неговата мисија е да го врати Работнички на шампионските патеки.

„Чест ми е што доаѓам во ФК Работнички, клуб со голема традиција и реноме во македонскиот фудбал, поранешен шампион и освојувач на Купот. Би сакал да се заблагодарам на новото раководство на клубот за укажаната доверба, ја сфаќам како сериозна обврска и ќе се вложам максимално за да ги оствариме целите што заедно ги зацртавме. Веруваме дека овој проект на крајот ќе донесе многу радости и трофеи во ФК Работнички. Мојот начин на работа кој носеше титули ќе се потрудам да го наметнам и овде. Ред, работа, дисциплина и верба во сопствените квалитети се принципите што секогаш и секаде ги носам со себе и верувам дека ќе ги воспоставиме и во тимот на Работнички. Има голем потенцијал во овој тим, а верувам дека со уште неколку засилувања ќе изградиме колектив со којшто ќе се гордееме“, вели новиот шеф на стручниот штаб на ФК Работнички, Гоце Седлоски.

Ангажманот на Гоце Седлоски за нов тренер на најдобар начин ја отсликува и решеноста на новото раководство на клубот да го врати ФК Работнички во самиот врв на македонскиот фудбал.

„ФК Работнички е еден од најреномираните македонски фудбалски брендови, име кое е сериозно препознатливо и во Европа, а Гоце Седлоски е фудбалска величина и тренер кој сигурно ќе помогне да се врати шампионскиот дух во клубот од Дебар Маало. Му посакуваме сѐ најдобро, ќе ја има нашата максимална поддршка и се надеваме дека многу брзо ФК Работнички ќе биде на позициите кои ги заслужува“, изјави новиот директор на клубот, Сенад Муминовиќ.

Гоце Седлоски со својот стручен штаб утре ќе го одржи и првиот тренинг со тимот. В недела Работнички ќе одигра пријателски натпревар со Башкими во Куманово.

Работнички по 14 кола во Првата македонска фудбалска лига, се наоѓа на делба на петтото место на табелата со 19 освоени бодови.

- Оглас -

Најнови вести