Сезоната во спортската прогноза на Спорт Манија и Sport Life, дојде до своето седмо коло, а дали бројот 7 ќе биде среќен за некого, ќе се види во понеделник вечер, кога ќе финишира колото. Сите илјадници играчи на Спортска прогноза со нетрпение го чекаат секое коло, а веќе можете да типувате на 13+2 натпревари на популарната игра.
Своите типови можете да ги ставате и да ги менувате до сабота во 15 часот, за кога е закажан почетокот на првиот натпревар од колото, а тоа е Лацио – Аталанта, кои се среќаваат на „Олимпико“ во Рим.
Во фокусот ќе бидат натпревари од Топ 5 лигите во Европа, а секако најголемо внимание привлекува дербито на „Олд Трафорд“ и пресметката на Манчестер јунатед и Ливерпул. „Црвените“ сезонава знаат само за победи, но гордоста на „црвените ѓаволи“ кои се најлути ривали на Ливерпул нема да им дозволи да го пуштат гостинот туку така да се прошета до трите бода.
Во понудата го вметнавме и натпреварот помеѓу двете Борусии како еден од петте саботни мечеви во 13-ката на Спортска прогноза. За недела има седум средби, од кои две се италијански во кои можеби ќе играат македонски интернационалци. Удинезе против Торино ќе чека гол од Несторовски, а Џенова гостува кај Парма и ќе се потпре на искуството на Пандев. Колото завршува в понеделник со мечот Бреша – Фиорентина.
Резерни двојки се Атлетико Мадрид – Валенсија и Еспањол – Вилјареал. Доколку го погодите исходот, тоа се два бонус поени за вас во генералниот пласман.
Потсетување дека прогнозерот што ќе ги погоди сите 13 двојки од основната програма, ќе добие прекрасен мобилен телефон iPhone XS. За 12 погодени се добива ваучер од Sport Life во вредност од 1.000 денари, а 500 денари ваучер од Sport Life е наградата за прогнозерите што ќе имаат 11 погодени парови од основната програма.
Најдобриот прогнозер во Генералниот пласман на крајот на сезоната ќе добие смарт ТВ од 48 инчи, вицешампионот ќе биде награден со 500.000 SL маркет поени, а до петтото место наградите се движат од 400.000 SL маркет поени, потоа 300.000, односно 200.000 за прогнозерот што ќе го затвори кругот во Топ 5.