
Македонија ја победи Романија со 24-23, и моментно е третопласирана во групата Б на Европското првенство во ракомет, а речиси сигурно и ќе финишира на тоа место.
Голот за победа го даде Ненад Костески во последната секунда.
Македонската репрезентација имаше речиси континуирано водство од првата до последната минута и покажа дека е поквалитетен тим од романскиот, но победата е далеку потесна од желбите на играчите, стручниот штаб и фановите кои се надеваа на чудо и пласман во главната рунда. Во финишот дури и се тресевме дали ќе победиме, Костески беше јунакот.
Само во првите 10-тина минути од првото полувреме кога резултатот беше 4-0, се понадевавме дека Романија може да биде декласирана со голема разлика која ќе ни даде реална надеж за освојување на втората позиција.
Ова речиси сигурно е последен меч за нашите ракометари на ЕП 2026. Последен пат групната фаза ја имаме минато во 2018 година во Хрватска, но тогаш се играше и по друг систем, во втората рунда одеа првите три од секоја група, а не само две како сега.
Ако Македонија продолжеше понатаму, ќе претстоеше пекол, и дуели во Хернинг со Франција, Норвешка, Германија и Шпанија. Но, јасно е дека тука е крајот на нашето учество на шампионатот.

