Леванте и Бетис останаа единствените два тима кои победија на домашен терен на десетте натпревари во седмото коло од шпанската Примера. Вечерва во Виго, Селта и Хетафе одиграа 1-1.
Макси Гомес беше човекот кој ја доведе Селта во водство, откако одлично ги измами голманот и одбраната на мадридскиот тим. Гомес со 4 гола и три асистенции е најкорисниот играч на Селта сезонава. Селта веќе цел месец (од први септември) нема победа.
Во 78-мата минута Хетафе изедначи со погодокот на Хаиме Мата. За него ова е прв гол во Ла Лига, и доста вреден, бидејќи му донесе бод на својот тим на „Балаидос“. Хетафе четири меча не знае за победа, но секој бод на гости му е важен.