Септември, Џани и пенали се добитна комбинација за Македонија против Ерменците

Македонија вечерва игра многу значаен меч против Ерменија во Скопје и со победа ќе се израмни на врвот со оваа селекција во нашата група за пат на Мундијалот во Катар.

Во составот ќе биде Езџан Алиоски, а неговите голови од пенал против Ерменците полека стануваат традиција во меѓусебните дуели на двете репрезентации.

Вечерва во Скопје мечот ќе го суди Португалецот Артур Соарес Дијас, а неговите колеги на претходните две гостувања на Ерменците судеа пенали за Македонија.

Австриецот Мануел Шутенгрубер точно пред три години покажа на белата точка на дуелот меѓу Македонија и Ерменија во 14-тата минута, а Алиоски со прецизен удар од 11 метри ја најави победата од 2:0.Вториот гол го даде Горан Пандев, кој се прости од настапите во дресот со нацинални обележја летово по завршувањето на Европското првенство.

Реприза имаше и лани, а мечот повторно се играше во септември и повторно имаше и пенал за Македонија, и гол на Алиоски и победа на Рисовите.

Тогаш босанскиот судија Ирфан Пељто покажа на белата точка во петтата минута и повторно Џани беше прецизен, а Македонија победи со 2:1. Вториот гол го постигна Илија Несторовски, кој е повреден и вечерва од 20.45 часот нема да игра на националната арена „Тодор Проески“.

Новиот селектор Благоја Милевски очекувано го повика стандардниот репрезентативец, кој сега игра за Ал-Ахли во Саудиска Арабија, а евентуален пенал за Македонија и погодок на Алиоски би значело и негов пробив на делба на петтото место на вечната листа со најдобри стрелци во нашата репрезентација.

Моментно Алиоски со 9 гола го дели седмото место со Илчо Наумоски, а пред него се само Горан Пандев со 38 гола, Александар Трајковски со 18, Ѓорѓи Христов со 16, Артим Шаќири со 15 и Илија Несторовски и Горан Мазнов со по 10 погодоци.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести