Сер Алекс му е фудбалски татко, а вели дека Пеп е најдобар тренер на сите времиња

Манчестер сити вчера по четврти пат во низа го освои Лига купот совладувајќи го Тотенхем во финалето кое се одигра на „Вембли“ со минимални 1-0. За Пеп Гвардиола тоа беше јубилеен 30-ти пехар во тренерската кариера, со кој стана трет најодликуван стратег во фудбалот.

Околу неговиот успех, посебни пофалби испрати Гери Невил, легендата на Манчестер јунајтед кој речиси две децении играше под палката на Сер Алекс Феркусон и освои 20 трофеи. За Гери, екстренерот на Барселона и Баерн е најдобар на сите времиња, иако неговиот фудбалски татко е рекордер по бројот на титули.

„Мислам дека Манчестер сити го има најдобриот менаџер на сите времиња. Начинот на кој Пеп се наметна во повеќе лиги и оствари неверојатен успех, притоа доминира во Англија, е навистина за огромна почит. Наскоро ќе ја освои и Премиер лигата, што ќе му биде трета титула во последните пет сезони, а воедно неговата екипа игра вселенски фудбал. Учинокот на Гвардиола со освоени 14 трофеи во 15 финалињата е исто така неверојатен. Не е мала работа да се освои Лига купот четири сезони во низа“, посочи Невил.

Граѓаните сезонава атакуваат на тројна круна ако се знае дека се убедливи лидери во Премиер лигата, а воедно треба да ја поминат пречката ПСЖ за пласман во финалето од ЛШ, каде што за титулата би се бореле против Реал Мадрид или Челзи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести