Сергеј не се сеќава како даде гол против шампионот

Лацио го урна актуелниот италијански првак со конечни 3-1 и најави дека ќе се бори за Скудетото. Фудбалерите на Јувентус претрпеа дебакл на „Олимпико“ иако први поведоа во мечот, но домашниот состав одигра фантастично второ полувреме во кое главната улога ја имаше Сергеј Милинковиќ – Савиќ.

Српскиот репрезентативец го постигна голот за 2-1 во 74-тата минута, го совлада Шчезни по одлично нафрлената топка од Луис Алберто, но за италијанските медиуми изјави дека не се сеќава како го реализира судбоносниот погодок.

„Искрено, немам што да кажам за голот. Нормално дека е убаво да се постигне гол кој на тимот ќе му донесе победа, но не се сеќавам како го постигнав. Знам само дека Луис Алберто реводно нафрлува топки длабоко во шестнаесетникот, така беше и во оваа ситуација, а јас се движев по неговата замисла. Ќе мора да видам снимка од голот, бидејќи навистина не знам што точно сторив“, истакна Милинковиќ – Савиќ.

По ова коло, Интер е лидер во Серија А со 38 бода, Јуве има два бода помалку, додека Лацио е на третото место со 33 бода.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести