Светскиот и европски шампион со репрезентацијата на Шпанија, Серхио Рамос, заедно со инвестицискиот фонд „Five Eleven Capital“, постигнал начелен договор за преземање на шпанскиот фудбалски клуб Севиља, пренесува радиостаницата „Кадена Сер“.
Вкупната вредност на зделката, која се очекува да биде финализирана до крајот на месецот, изнесува 450 милиони евра. Рамос и неговите партнери во моментов ги разгледуваат финансиските извештаи на клубот, а акционерите на Севиља веќе ја одобриле понудата.
39-годишниот Рамос во моментов настапува за мексиканскиот клуб Монтереј. Како продукт на академијата на Севиља, тој играше за првиот тим од 2004 до 2005 година, а потоа повторно од 2023 до 2024 година. Со Реал Мадрид освои пет титули во шпанското првенство и двапати Куп на Кралот, четири пати Лигата на шампионите, четири пати Светското клупско првенство и три пати Суперкупот на УЕФА.
Со шпанската репрезентација, искусниот дефанзивец стана светски шампион во 2010 година и двократен европски првак во 2008 и 2012 година.

