Не се во топ-форма, но и не се наивен противник – Голем предизвик за Македонија е да се победи „Малата Италија“

Македонија ќе има сериозен противник во Романија, вечерва во Букурешт од 20.45 часот на стартот од квалификациите за настап на Светското првенство во Катар идната година.

Да се надигра „Малата Италија“ ќе биде голем предизвик за нашиот состав, во кој исто така има играчи со искуство од Серија А, предводени од капитенот Горан Пандев, Елиф Елмас, Илија Несторовски, Стефан Ристовски и Александар Трајковски.

Кај нас е квинтетот што игра, или играл во италијанското првенство, а Романците имаат дури 7 играчи од најавениот стартен состав што имаат настапи во една од најсилните лиги на светот, во Серија А.

НИЦА И КАМОРА СЕ ШАНСА ЗА ПОДВИГ И ПОБЕДА

Во одбраната ќе ги предводи најискусниот романски репрезентативец Влад Кирикеш, кој играше за Наполи, а сега е член на Сасуоло. Капитенот на Романците со 59 настапи е убедливо најискусен во составот на денешниот ривал на Македонија.

Десниот бек Василе Могош игра за Киево во Серија Б, додека Разван Марин, еден од двајцата дефанзивни играчи за врска во омилената формација 4-2-3-1 на Мирел Радои настапува за Калјари.

Потенцијалот на Романците, кои имаат исклучително млада селекција го потврдуваат и Денис Ман и Валентин Михаила тандемот на Парма.

Јанис Хаџи кој сега игра за Глазгов Ренџерс беше член на Фиорентина, а Георге Пушкаш од Рединг има два настапи за Интер во Серија А.

Радои, кој вечерва нема да биде на клупата на Романците поради Ковид-19 е идеен творец на оваа селекција, а грото од актуелните репрезентативци ги предводеше до полуфиналето на младинското ЕП во 2019 година.

Од тој состав вечерва против Македонија речиси сигурно ќе настапи трилингот блескави таленти, Ман-Хаџи и Пушкаш, а уште неколку играчи ќе бидат резерви.

Омилената формација на Радои е 4-2-3-1. На голот ќе биде 33-годишниот ветеран Флорин Ница, кој нема брането за Романија на меч за бодови, а двапати беше чувар на мрежата на пријателски мечеви.

Во квартетот дефанзивци се очекува да играат Могош, Бурка, Кирикеш и Камора. Многу забелешки имаше токму за изборот на Камора, кој е Португалец со романски пасош, а како критика се нотирани неговите слаби настапи за шампионот Клуж.

ДА СЕ НЕУТРАЛИЗИРААТ ЕФИКАСНИОТ СТАНЧУ И ТРИЛИНГОТ „ДЕЦА“ НА РАДОИ 

Марин и Станчу ќе биде двојката зад офанзивниот трилинг и напаѓачот Пушкаш, а се работи за двајца извонредни играчи. Марин има 24 години и беше член на Стандард Лиеж, Ајакс, а сега игра за Калјари во Серија А. Тој ќе биде задолжен за растурање на играта на нашата репрезентација, а до него ќе биде Станчу, репрезентативецот на Романија што моментно е и во најдобра форма.

Играчот на Славија Прага е во страшна форма и постигна 7 гола на последните шест натпревари за чешкиот првак во домашното првенство и во натпревари од Европа Лигата. На него мора посебно да се внимава како и на трилингот офанзивци, Ман-Хаџи и Михаила кои ќе се обидат да го „ранат“ Пушкаш со употребливи топки.

Слаба точка во тимот што треба да се искористи им се голманот Ница, кој брани за Спарта Прага, но е без големо искуство во вакви значајни квалификациски мечеви, иако има 33 години и левиот бек Камора, кој е во лоша форма, а за него Радои претрпе многу критики.

Најсилниот дел на домаќините е офанзивата и тука ќе треба особено да се внимава на полетните Ман, Хаџи и Пушкаш и секако на Станчу.

Романците се млад и полетен состав, а националниот тим е со големо реноме во европскиот фудбал. Вечерва против Македонија ќе го играат 714 натпревар, а најголем успех им се четвртфиналињата на Мундијалот во САД во 1994 година и на Европското првенство шест години потоа.

Со нас досега одиграа пет меча и имаат четири победи и еден пораз.

 

Најавени состави:

РОМАНИЈАНицу, Могош, Кирикеш, Бурка, Камора, Марин, Станчу, Ман, Хаџи, Михаила и Пушкаш.

МАКЕДОНИЈАДимитриевски, Бејтулаи, Муслиу, Ристевски, Ристовски, Алиоски, Николов, Барди, Елмас, Несторовски и Пандев.

- Оглас -

Најнови вести